Германскиот Бундестаг во септември ќе донесе одлука за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на СР Германија за прашањата за проширување на Унијата, информираше канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел, по средбата со премиерот Зоран Заев. На средбата канцеларката потенцираше дека Северна Македонија го испорача очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно.

Претседателот на Владата на РСМ Заев, на средбата нагласи дека радува фактот што Министерството за надворешни работи на СР Германија има позитивен став за нашата земја во однос на започнувањето на преговори за членство во ЕУ, и дека треба да се испочитуваат процедуралните постапки и демократските процеси кои ќе овозможат Бундестагот да донесе позитивна одлука во септември.

Во меѓувреме, холандскиот парламент синоќа се изјасни против отворањето на преговорите со ЕУ за Албанија, но ја отфрли истата резолуција што се однесува на Северна Македонија. Резолуцијата за Северна Македонија преку која неколку холандски пратеници бараа исто така да се блокираат преговори со нашата земја беше отфрлена од мнозинството во холандскиот парламент.