
Предвидено е и субвенционирање за вработување на невработени лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот. Опфатени ќе бидат 500 лица, и за таа цел ќе бидат одвоени околу 700 000 евра.
Оперативниот план опфаќа и субвенционирање на вработување на лица со инвалидитет. Секој работодавец кој ќе вработи лице со инвалидитет и редовно му исплаќа плата и останати давачки на тоа вработено лице во период од 9 месеци, по изминувањето на тие 9 месеци има право да побара и ќе добие од државата 20 просечни плати, а доколку лицето со инвалидитет е слепо или е до степен на инвалидитет да има потреба од помагало-количка тогаш работодавецот ќе добие 40 просечни плати. За оваа цел се одвоени околу 3 милиони евра за овозможување поддршка за вработувања за 300 лица.
Финансиски ќе се подржуваат и малите и средни претпријатија и занаетчии за отворање на нови работни места. Ќе се субвенционира вработување на деца без родители во приватниот сектор, како и плодоуживателите на земјоделско земјиште.
Најдоцна во првата недела од февруари ќе биде објавен календар за апликација за средствата за финансиска поддршка, со што секој месец ќе има соодветни повици за користење на овие средства веројатно во првата половина од месецот, информираат од владата.












