Украдените обележја од Паркот на поезијата во Струга на кои беа испишани имиња на добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, ќе бидат заменети со нови најави градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кој го осуди настанот.


-Не сакам да прејудицирам кој го направил тоа, но да земеш една безвредна во пари, но многу вредна по значење плочка и да ја продадеш за мали пари е вандалски чин. Останува органите на прогонот да ги пронајдат сторителите , а ние заедно со дирекцијата на СВП  да изнајдеме средства и да ги замениме украдените спомен плочки со нови, изјави Мерко.


Минатата недела непознати сторители од Паркот на поезијата во центарот на  градот одзедоа 27 месингани плочки. Се претпоставува дека тие се украдени заради материјалот од кој се направени. Во околината на Струга работат неколку легални отпади, но вработените тврдат дека не вршат откуп на спомен обележја и слични предмети, иако како што велат имало случаи кога им биле нудени разни украдени работи, најчесто сообраќајни знаци. Според нив украдените спомен обележја најверојатно завршуваат кај дивите откупувачи кои таквите предмети ги претопуваат и ги продаваат на црниот пазар. Цената на килограм месинг во отпадите изнесува  140 денари.

OhridNews