-Не знам каква одлука донел градоначалникот Петрески, бидејќи сум на службен пат. По враќањето во Струга, денес, ќе остварам средба со градоначалникот на Охрид, по што ќе го соопштам мојот став по ова прашање, изјави за OhridNews градоначалникот Мерко.
Првиот човек на Охрид вчера информираше дека од четирите пристигнати програми на Конкурсот за избор на директор, ја прифатил таа на Златко Старкоски, кој, доколку добие поддршка и од градоначалникот на Струга, ќе го замени вршителот на должност директор на МЈП „Проаква“, Игор Блажески.
-Согласно статутот седиштето на МЈП „Проаква“ е во Струга“, за што ние имаме како Охрид големи забелешки бидејќи сите даноци и се што се уплаќа завршува таму, а директорот го предлага градоначалникот на Охрид. Со тоа сигурно не се согласува градоначалникот на Струга и сега имаме таква ситуација. Конкурсот заврши, беа пријавени четворица кандидати, тројца од Охрид, еден од Струга. Мој став е директор да биде Златко Старкоски, но решение треба да потпише и градоначалникот на Струга. Како тој ќе се однесува незнам, изјави Петрески.
Градоначалникот на Охрид појасни дека проблемите околу назначување на директор на МЈП „Проаква“ произлегуваат од лошата правна поставеност на претпријатието, поради што општините Охрид и Струга бараат негово раздружување, на што се противи владата.
-Нема тука никакво тактизирање, туку се работи за сложена организација единствена од ваков вид во Македонија каде што едно јавно претпријатие е поделено помеѓу два града. Тогаш кога се формирало ова претпријатие во Македонија немаше децентрализација, а денес владеат други услови, поради што ние како општини остануваме на барањето „Проаква“ да се раздели на три јавни претпријатија: Водовод Охрид, Водовод Струга и заедничко претпријатие кое ќе управува со колекторот. Овој процес е заглавен во Министерството за финансии, но јас се надевам дека до Нова година ќе се реши ова прашање, а дотогаш согласно законот ние треба ова јавно претпријатие да го водиме, истакна Петрески.
Доколку Петрески и Мерко не успеат да ги усогласат ставовите околу изборот на новиот директор на МЈП „Проаква“, раководната функција ќе продолжи да ја извршува сегашниот в.д. директор, Игор Блажески.