Пукањето на шаржер или два е дел од традицијата на Албанците, вели градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, во чија што општина во изминатите години се случија и неколку немили настани при употреба на огнено оружје на веселби. Тој предлага обичајната употреба на оружје да ја надгледува полицијата, за како што реше, да нема прекумерна употреба.
–Претерано пукање сигурно дека е штетно, се вознемируваат граѓаните, се плашат, но тоа го има секаде кај сите и кај Албанците и кај Македонците и кај Турците. Може тоа треба да се прави со дозвола на полицијата едно пукање две, а повеќе јас би бил против. – изјави Мерко.
Ваквиот предлог за полицијата е неприфатлив, бидејќи е недозволиво службата која го чува редот и мирот да учествува во негово кршење.
– Апсолутно не може да стане збор за такво нешто, полицијата да асистира на семејни прослави, а притоа да се употребува огнено оружје. Тоа е непимливо и нешто што практично е невозможно.-вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Во изминатите две години на територијата која ја покрива СВР Охрид официјално се регистрирани 11 случаи на употреба на огнено оружје на веселби, од кои половината минатата година во Струшко, при што едно малолетно дете е повредено, а оштетени се и две патнички возила. Со цел елиминирање на оваа појава полицијата најави дека ќе ги засили активностите на терен и ќе продолжи со реализиција на веќе отпочнатиот проект за едукација на населението за последиците од употреба на огнено оружје на веселби и прослави, а против сите прекршители на законот ќе бидат поднесени соодветни пријави.