Струшката локална самоуправа сака да ги менува имињата на дел од улиците во градот, бидејќи, како што објаснува градоначалникот Мерко, голем број од нив носат имиња кои не соодветствуваат со времето во кое се живее сега и не ја одразуваат реалноста во општината.

-Ние знаеме дека ЈНА не постои, а ние имаме улица со такво име, имаме улица „Маркс и Енгелс“, „Пролетерски бригади“ и улици на личности од други држави ки не се важни, а нема албански имиња кои треба да ја покажат бројноста на албанците во општина Струга, изјави градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.


Партиите на Македонците, не се согласуваат со предлогот за промена на имињата на улиците во Струга, особено не во актуелниот политички момент.

– ВМРО ДПМНЕ 6 месеци пред избори нема да оди со отворање на вакви прашања. Не поддржуваме никаква промена на улиците во овој момент, рече Јулијана Зуноска – координатор на советничкатагрупа на ВМРО ДПМНЕ.

-Ние сме против било каква промена на улиците во Струга. Струга е чувствително место и мора да се внимава околу тоа, вели Ристе Ќушкоски –претседател на ОО СДСМ Струга.


И додека партиите полемизираат околу иницијативата за промена на имињата на улиците на терен во етнички чистите средини  се поставуваат еднонационални информативни табли. Една таква деновиве осамна на влезот во струшкоот село Шум, но тоа според градоначалникот Мерко не треба никого да загрижува.

Оваа година прославуваме 100 години од албанското знаме и независноста и треба да научиме да ја почитуваме различноста. Тоа е едно барање од месното насление кое етничко албанско и не треба да се проблематизира, истакна Мерко.


Опозиционата ДПА смета дека недоразбирањата околу иницијативата за промена на имињата на улиците и поставувањето на еднонаципнали информативни табли, се должат на фактот што општина Струга цели 8 години нема донесено Статут за работа. За промената на имињата на улиците во градот се расправа во надлежната комисија во Советот, каде засега усогласувањето на ставовите на политичлките партии оди тешко.

Горан Момироски