Не е точно дека викендов се случи еколошки инцидент и дека поради дефект на пречистителната станица се влеани големи количини непречистена отпадна вода во Охридското Езеро кај селото Дрилон во Албанија, во близина на граничниот премин Св. Наум, тврди Аријан Мероли од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Станува збор за вообичаено испуштање на отпадните води во езерото од пумпната станица, кои овој пат се испуштиле со побрзо темпо па поради поголемиот притисок дошло до создавање на пена која набрзо по тоа исчезнува. Од страна на надлежните служби во Албанија редовно се вршат контроли на примероци земени од отпадните води кои се испуштаат во езерото и концентрацијата на фосфор никогаш не е поголема од максимално дозволената, напротив таа е значително помала, изјави за OhridNews Мероли.

Тој информира дека во месец јануари идната година ќе дојде до реализација на третата фаза од проектот за изградба на пречистителната станица на албанската страна на езерото, која се однесува токму на хемиското третирање на отпадните води од пречистителните станици. 

Т.К.