Од оваа 2014 година, лицата со оштетен слух над 80 децибели, за прв пат ќе имаат можност да остварат право на месечен надоместок во висина од 4000 денари. Оваа новост доаѓа по усвојување на предлогот во македонскиот парламент, а се чини дека истиот претставува најголема придобивка за оваа категорија граѓани.
Како што вели Славица Стефановска од локалното Здружение на глуви и наглуви лица, во периодот кој претстои треба да бидат пропишани потребните документи, со кои овие лица ќе можат да аплицираат за паричниот надомест во Центарите за социјална работа.
„Глувите лица со оштетување на слухот над 80 децибели, ќе можат да аплицираат за овој месечен надоместок. Сите заинтересирани можат да се обратат во нашето Здружение, бидејќи ние работиме како сервис на граѓаните и ќе им помогнеме околу прибирање на документите.“ – вели Стефановска.
Како што таа потенцира, оваа новост претставува олеснување за лицата со оштетен слух, чии примања се релативно ниски во споредба со останатите категории граѓани.
„Со овој додаток на глувост ќе им се помогне во нивниот буџет, односно ќе им олесни доколку имаат финансиски потешкотии. Сосема е сигурно дека ќе има комисиски прегледи во Битола или Скопје, а најверојатно сето тоа ќе биде организирано од наша страна.“ – додава Стефановска.
Во изминатата 2013 година, локалното Здружение на глуви наглуви лица Охрид, реализира низа настани и проекти, кои имаа за цел да ја подобрат положбата на овие граѓани во општеството.
„2013 година можам да ја оценам како сосема успешна, без разлика на висината на средствата со кои располагавме. Редовно организираме состаноци со членството, неформално дружење, како и многу спортски настани преку целата година. Имаме одлична соработка со институциите, Црвениот крст Охрид и со СРЦ „Билјанини Извори“. Тоа се ситни активности кои за нашите членови значат многу, односно преку истите учествуваме во животот на нашата општина.“ – вели Стефановска.
Таа потенцира дека и во оваа 2014 година, и понатака ќе продолжат активностите на охридското Здружение.
„Јануари и февруари се месеци кога ги усвојуваме годишните програми. Секако дека ќе продолжиме со активностите во рамките на нашата локална самоуправа. Апелирам до родителите кои имаат деца со оштетен слух, да се обратат до нашето Здружение, бидејќи ние сме тука да им помогнеме и да им дадеме смер каде можат да се упатат. Нормално, тие како родители ќе го одберат патот на своето дете. За жал, се уште кај нас постои родителска стега, со која децата не се упатуваат на вистинското место.“ – потенцира Стефановска.
Инаку, во Охрид има околу 140 граѓани, кои се регистрирани во локалното Здружение на глуви и наглуви лица, отворено пред 60 години. Од нив, околу 50 активни членови секојдневно го посетуваат овој центар, каде можат меѓусебно да се дружат и комуницираат. Изминатите години, просториите на овој центар беа реновирани од страна на самите членови, преку фондацијата на Владо Велјаноски, нашинец кој живее во Холандија.
О.Т.