Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, 26-годишниот Аргентинец Лионел Меси порача дека до крајот на својата играчка кариера ќе настапува за каталонската гордост – актуелниот шпански шампион Барселона.
„Немам намера да го менувам клубот Ќе останам во Барселона до крајот на кариерата“, изјави Лионел Меси во разговор за тиражниот шпански спортски дневен весник Marca.
Меси, иако за него се проценува вкупна сума на евентуален трансфер од 250 милиони евра, сепак е цел на богатите клубови, а особено на ексцентричните милијардери сопственици на фудбалски клубови, порачува во интервјуто дека Барселона е неговиот живот.
„Ми годи што клубови се интересираат за моите услуги, меѓутоа Барселона е мојот живот“, порача Аргентинецот.
Открива и дека синот Тиаго го прави „најсреќниот на светот“. „Кога ќе си дојдам дома од пат или од тренинг, и ќе го видам како се смее, тоа чувство не може да се спореди со ништо“, вели Меси.
„Макфакс“