Најдобриот светски играч во 40-минутното гостување во популарната аргентинска радио станица „Радио Ла Ред“ одговараше на прашањата на слушателите.
Тој во разговорот со слушателите ја откри својата најголема желба. – „Сакам да уживам, но и да победувам во дресот на Аргентина. Кога би можел, со задоволство би ги менувал трите „Златни топки“ за титулата светски првак во Бразил. Тоа е мојот сон, секогаш тоа го зборувам. Нешто ми говори дека со Аргентина ќе ја освојам титулата светски првак. Доколку тоа се случи во Бразил никој нема да биде посреќен од мене. Тоа навистина би било спектакуларно. Сонувам со отворени очи“.
Најдобриот светски фудбалер смета дека Аргентина може да игра како Барселона. „Тешко е да се копира играта на клубот во репрезентацијата, но мислам дека некои делови од играта на Барселона можеме да превземеме. Аргентина има многу квалитетни играчи, кои се технички исклучително силни и кои можат да одговорат на таквите барања.“
Меси ги негира тврдењата дека не е во добри односи со соиграчот од репрезентацијата Карлос Тевез, на кого му посака што побргу да се врати во посакуваната форма. Напаѓачот на Барселона одговори и на прашањето за односот со соиграчите Иниеста и Чави. „Никогаш не сум почувствувал љубомора кај нив, кога ги освојував „Златните топки“. Секоја награда ја делам со нив, ние играме заедно многу години и нашиот однос е подлабок од секоја награда или трофеј“.
Аргентинецот потврди дека сака целата кариера да ја мине во Барселона, а не пропушти да го прокоментира ривалството со Реал Мадрид. „Тие натпревари се празник на фудбалот, и се многу стресни за секој фудбалер. Секакви работи се случуваат, но сè се заборава по само неколку дена. Пред секое гостување на „Сантијаго Бернабе“ убеден сум дека ќе одиграм добро. Реал има одличен тим, тоа е факт“.
Лео Меси призна дека Реал е далеку напред во борбата за шампионската титула, но вели дека Барселона нема да се предаде.
“макфакс“
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com