Педесет и три годишниот Анастас Дудан, по професија машински инженер, 10 години работел како технолог на производи од обоени метали, а со бакар, сребро, злато, месинг работи од 1986 год. Член е друштвото на ликовни уметници на Македонија. Добитник е на две награди: во 1996год. за избор на сувенир на град Охрид, техника посребрен бакар и во 1998год. во КИЦ – Скопје, за работа во бакар.
Анастас Дудан веќе неколку години настапува како единствен претставник на применетата уметност во Р.Македонија што се занимава со обработка на метал врз основите на средновековната култура и уметничка ризница на Охрид, пишува во својата критика академик Цветан Грозданов.
-Денес во личноста на машинскиот инженер Анастас Дудан се обновува една дејност чиј континуитет во религиозната тематика мислевме дека е веќе заборавена. Во тој поглед Анастас Дудан е првиот творец што се придржува кон генерацијата нови зографи и резбари со кои охридскиот регион и во 20 век се појавува како носител и чувар на нашето наследство од духовниот центар на Св.Климент.-вели академик Грозданов.
Анастас Дудан зад себе има повеќе групни и самостојни изложби.