Апсолутниот фаворит, супер моќниот и скап тим на РК Вардар, го положи оружјето во „Автокоманда“ и претрпе заслужен пораз од лутиот ривал Металург во дербито од првото коло од плејофот во машката ракометна Супер лига.

Тимот на Лино Червар чудото го најави уште на полувреме, кога домаќинот имаше два гола предност (15:13). Вардар постојано бркаше водство на противникот но не успеа да го стигне за конечен триумф на Металург од 29:26.

Играч на мечот беше Обрадовиќ, кој постигна 10 гола.

Стратегот на Металург по средбата рече дека е горд на своите ракометари, кои покажле голема храброст и огромна желба за успех над фаворизираниот и силен Вардар.

„Одигравме одличен натпревар во кој докажавме дека волјата понекогаш е посилна од моќта, покажавме дека сме тим кој има иднина и кој заслужува да има свое место на европската ракометна карта. Посебно сум задоволен што докажавме дека играме модерен ракомет, што негуваме стил кој има иднина. Бев доста разочаран од бројните написи и критики, на моја сметка и на сметката на Металург, па и на репрезентацијата, особено од искажувањето на г-н Гино Стрезовски, кој ме обвини дека негувам “селски“ ракомет. Како професор кој воспитува ракометни кадри и идни тренери, Стрезовски во најмала рака би морал да внимава на вокабуларот што го користи, особено кога напаѓа друг тренер. Јас и натаму сметам дека можноста да се напаѓа со седуммина ракометари е најдоброто што во последно време се донесе во ракометот, бидејќи им дава шанса на креативните екипи. Можеби против ова правило се големите европски екипи, кои даваат огромни пари, но и кои не секогаш успеваат да се снајдат кога против нив се игра на овој начин. Денеска докажавме дека овој систем функционира, дури и кога против себе имаш состав кој конкурира за место на фајналфорот во Лигата на шампионите“. – изјави по средбата Червар.

Во останатите мечеви од првата рунда во плејофот Пелистер на гости го совлада Борец, а Охрид во „Билјанини извори“ беше поуспешен од Еурофарм Работник.

OhridNews
фото: РК Металург