Ракометарите на Металург, во Велење, против првакот на Словенија Горење,
во сабота ќе го одиграат натпреварот од осмото коло во Лигата на
шампиони.

Дуелот на двата тима, може но не мора да биде пресуден во борбата за
второто место во Ц групата, во шампионската лига. Првото место во Ц
конкуренцијата е резервирано за полскиот шампион Киелце.

Лино Червар и неговите избраници, од понеделникот се во Словенија, каде
во Крањска Гора ја коваат тактиката за пресметката со Горење.

Првиот натпревар кој на почетокот на октомври минатата година се одигра во Скопје, Металург го реши со 30:23.

Одбраната и контранападот, на тој натпревар го решија победникот, а овие
два елементи можат да го дадат исходот, односно победникот и на мечот
во Велење.

„Тие играат класична 6-0 одбрана, од која бргу се трансформира во
напаѓачка формација, доколку тоа го спречиме можеме да се надеваме на
победа. Металург е добар тим, имаат деветмина македонски
репрезентативци, а одличниот голман Станиќ, односно Вугринец и Козлина,
го прават тимот уште поквалитетен. Опасни се од сите позиции“, изјавил
за клубската интернет страница тренерот на Горење, Бранко Тамше.

Натпреварот помеѓу Горење и Металург ќе се одигра во салата Рдеча, чии капацитет е 3.000 седишта, а ќе започне во 16:30 часот.

“Макфакс“