Во хотелот Бетон, покрај Охридското езеро македонскиот ракометен бренд Металург го одработува летниот камп со „надежите“. Учесниците на летниот камп се задоволни, а тренерите даваат максимум што повеќе да  ги научат дечињата и еден ден да ги заменат своите идоли.


– Временските прилики ни се поклопија одлично, терените се во одлична кондиција. На летниот камп со момчињата и девојчињата тренираме два пати дневно и се оди по зацртаното. Ова е првиот од трите дела на кампот. Втората секција ќе биде поголема и ќе  ја сочинуваат околу 200 дечиња од сите наши школи кои ни партиципираат низ Македонија – рече тренерот Никола Матлиески.


Техничките тренинзи дечињата ги прават под будното око на тренерот Јулијана Црвенкоска. На кампот повеќе акцент се става на техничкиот дел.

– Покрај охридското езеро добро се дружиме, а таа атмосфера ја пресликуваме на теренот каде ги усовршуваме техничките работи. Не очекува доста работа, посетеноста на кампот е голема и ние сме задоволни од залагањето на дечињата – посочи Црвенкоска.


Покрај тренинзите на членовите на тренинг кампот од Металург главна преокупација им е капањето во водите на Охридското езеро. Тоа редовно го прават, но прво мораат добро да ги испотат своите маички.

– Тренинзите се напорни, но за добрите одработени тренинзи добиваме награда да се искапиме во Охридското езеро – потенцираат учесниците на летниот камп во Охрид.

Мх.П.