Метеорологот Данило Ивановски од далечната 1951 година ја мери температурата на водата во Охридското Езеро. Се пензионирал пред 28 години, но на молба на колегите тоа продолжил да го прави и натаму.


Овој витален 87- годишен човек непрекинато по два пати дневно, рано наутро и навечер пеш се симнува од својот дом во Варош до мерната станица на брегот на езерото за да ја измери температурата на водата.

-Температурата во Охридското Езеро почнавме да ја мериме од 1951 година од Метеоролошката станица во Охрид, тоа го правеше дежурниот. Во 1984 година кога заминав во пензија колегите ме замолија да ја преземам јас таа обврска, да не слегуваат тие и оттогаш непрекинато ја мерам два пати дневно температурата на водата во Охридското Езеро.-раскажува пензионираниот метеоролог Данило Ивановски.


Охриѓани посебно ги интересира колкава е температурата на водата за празникот Водици кога традиционално се капат во студеното езеро. Чичко Данило вели дека годинава таа ќе се движи во рамки на просекот за зима.

-Најниската измерена температура  е 3 степени над нулата, а највисоката 27 степени. Тоа два пати е случено пред 5-6 години и оваа година имаше два дена. Вообичаено е 25-26 во лето, а во зима температурата е околу 7 степени, колку што изнесува и сега, вели Ивановски.


Данило Ивановски секое утро во 7 часот доаѓа на мерното место наспроти некогашната градска библиотека, без оглед дали има снег или езерото е разбранувано. Внимателно ја бележи секоја промена, води дневник на евиденција и испраќа резултати и извештаи. Вели дека нема намера да се откаже од работата се додека го држат нозете.

-Додека можам ќе го правам ова ќе го правам, иако фамилијата ми вели да се откажам. Ова ми е  движење, ако останам дома се знае староста што прави, цел ден седи дома без движење.-додава Ивановски.


Покрај температурата Данило Ивановски секојдневно го бележи и водостојот на Охридското Езеро. Сето тоа го прави со големо внимание и љубов, како на почетокот на својата работа пред 62 години.

Горан Момироски
фото:Емилио