На директорката на охридското основно музичко училиште „Методи Патче“, Нина Момировска, денес и беше врачен чек во вредност од 5300 долари, средства собрани на хуманитарниот концерт кој се одржа за време на Глобалниот инвестициски самит во 2013 година во црквата „Св. Софија“, во организација на „Македонија 2025“,а на кој настапија ученици од ова училиште.
Изразувајќи благодарност за донацијата, Момировска напомена дека парите ќе бидат искористени за набавка на нови инструменти, потенцирајќи дека училиштето продолжува и понатаму да открива и поддржува млади музички таленти.
Зоран Мартиноски од „Македонија 2025“ рече дека како организација остануваат и понатаму отворени да препознаат добри иницијативи, со цел да се помогне економскиот развој, културата и уметноста со што ќе се придонесе кон поголемата промоција на Македонија.
Градоначалникот Никола Бакрачески потенцира дека музичките таленти од „Методи Патче“ се вистинска гордост и најголеми амбасадори на Охрид. Додаде дека нивните успеси биле мотив за да се покрене иницијативата, наскоро, во рамки на училиштето да започне со работа и дисперзирана паралелка од средното музичко училиште од Штип. Бакрачески информира дека се чека одобрение од министерството за образоавние, по што се очекува од септември паралелката да започне со работа.
OhridNews