Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, оствари средба со д-р мед. Александер Шите, директор на болницата Carl von Basedow Klinikum Merseburg, на која, како што информираат од Општина Струга се разговарало за можностите за проширување на соработката во областа на здравството.

Благодарение на континуираниот ангажман на д-р Шќелќим Реџи, оваа германска болница досега донираше значајна медицинска опрема за болниците во Струга, придонесувајќи за подобрување на условите за лекување на пациентите. Меѓу донациите се монитори за следење на виталните параметри, респиратори, аспиратори, абдоминален ехо-апарат, инфузиони пумпи, опрема за стерилизација, хируршки инструменти, анестезиолошка опрема, како и апаратура за третман на тешки случаи на акутна бубрежна инсуфициенција, потенцираат.

На средбата, додаваат биле разгледани и нови можности за соработка, односно стручни обуки во Германија за медицинскиот персонал од двете болници во Струга, доаѓање на германски лекари во Струга за заеднички медицински интервенции, како и размена на искуства и експертиза меѓу здравствените институции.

Целта е конкретна: поквалитетно лекување, повеќе специјализирани здравствени услуги и помала потреба нашите граѓани да бараат медицинска помош надвор од Струга, велат од Општина Струга.

OhridNews