Потребни се брзи предвремени парламентарни избори, затоа што оваа влада е некредибилна. Народот своето си го кажа на претходните локални избори и се додека оваа некредибилна влада предводена од СДСМ и ДУИ продолжи, ќе продолжат поразите, изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на Свети Николе.

За жал, тие порази почнуваат да не чинат со десетици загубени човечки живот, а тоа е само поради една основна причина – раководните лица кои се дел од владејачките партии не си ја вршат работата за која се платени.

Прашан кој е 61-виот пратеник на владејачкото мнозинство во Собранието, Мицкоски рече дека не сака да навлегува во теории кој е 60, а кој 61-виот пратеник, и дека за тоа треба да одговорат СДМС или ДУИ.

Едно е јасно, а тоа беше сведок и народот, дека и тие 59 кои ги имаа дента кога се гласаше недоверба на Владата не беа во Собранието и не застанаа во одбрана на ова владино мнозинство, што за мене претставува кукавички чин. Ако веруваа дека оваа влада е добра и работи во интересите на граѓаните, тогаш требаше да бидат во клупите и да се спротивстават. Тоа е она што јас можам да го коментирам, изјави Мицкоски.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска изјави дека мнозинство во Парламентот има и очекува тоа дополнително да се зголеми.

Мнозинство има, тоа можам да го потврдам, очекуваме со овие разговори ова мнозинство да се зголеми дополнително и да да биде стабилно за да може во наредните месеци и години да се продолжи со овие сериозни активности на Владата, изјави Османи на прес-конференција за буџетот на Министерството за надворешни работи за 2022 година.

На новинарско прашање кој е тој 61 пратеник за кој СДСМ вели дека го има како владејачко мнозинство и дали можеби е тоа пратеник од Алијанса за Албанците, Османи одговори дека мнозинство има и тоа може да го потврди. Тој дополни дека не може да има конкретни решенија без да се заврши целиот пакет на преговори, кога, како што рече, „мислам дека самите пратеници ќе кажат кои се дел од мнозинството и ќе ја поддржат оваа евроатланска Влада“.

Наредниот период е исклучително важен за стратешките правци на државата за постигнување на одредени стратешки цели. Секоја дестабилизација на Владата во овој период може дополнително да влијае негативно на постигнување на тие цели и да ја претвори државата од дел од решението во дел од проблемот, рече Османи.

OhridNews