Нормално е дека Зоран Заев ќе бара одговорност за застојот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид и вината ќе ја префрла на претходната Влада. Не очекувам ништо различно да каже освен да ја префрли топката, пред пет шест години што се случувало, изјави денеска во Охрид лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, по средбата со лидерот на Алијанса за Албанците Зиадин Села.

Пет години гледаме многу криминал, многу наместени тендери. Заев доколку повеќе мислеше на работа и проекти, а помалку на криминал и провизија, автопатот ќе беше готов и немаше да имаме толку луѓе кои за жал го губат својот живот, а охриѓани и сите туристи ќе можеа побрзо да патуваат до Охрид. Но, за жал уште малку ќе треба да ја истрпиме оваа власт на СДСМ и Заев, а по 17 октомври, следуваат промени во Македонија на подобро, рече Мицкоски. 

Во однос на прашањето за можноста од енергетска криза и што значи интервентната набавка на јаглен, Мицкоски рече дека уште пред неколку месеци алармирал дека Македонија ќе се соочи со енергетска криза, а тоа денес го чувствуваат компаниите кои се на слободниот пазар, а наскоро ќе го почуствуваат тоа и граѓаните.

Всушност, мислам дека планираат да увезат некаде околу 900 илјади тони јаглен, најверојатно од соседно Косово. Повеќе од 50 милиони евра ќе чини таа интервентна набавка на јаглен, штетата која што ќе се направи врз блоковите во Битола ќе чини многу повеќе од тие 50 милиони, бидејќи тие се проектирани и димензиорани на тој јаглен којшто се наоѓа таму, а не на тој што ќе се донесе од увоз, истакна Мицкоски.

Додаде дека за среќа на граѓаните, е што овие луѓе, како што рече, нема да траат многу, недели се во прашање, истакнувајќи дека доаѓа Влада која знае како да се справи со енергетската криза која следува, но и со тоа како да функционира стабилно електроенергетскиот систем во Македонија, а со тоа и да нема големи импликации во економијата како и да нема големи импликации по стандардот на граѓаните.

Н.С.Ј.
фото. А. Момироска