Ниту за мене лично, ниту пак за ВМРО-ДПМНЕ, овие два документи вакви какви што се прифатливи. Му понудив на Ковачевски да излезе и да го одбие ова коешто е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барање за предвремени парламентарни избори. И трета работа, му понудив, ако толку верува дека е обезбеден идентитет, тогаш најпрвин во делот од заклучоците од првата меѓувладина да бидат избришани члениот 11 и членот 14. Ова се трите заклучоци на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кои тој ги соопшти по средбата со премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски.
Само треба да го одбијат предлогот, да речат не. Бидејќи ова не се преговори, и ова не е преговарачка рамка со којашто ние обезбедуваме европска иднина. Ова е преговарачка рамка со којашто или се асимилираме и бугаризираме па така да бидеме дел од ЕУ или нема да бидеме дел од ЕУ, потенцираше Мицкоски.

Даде свое гледање на документите коишто треба да ја дефинираат преговарачката рамка и записникот од Меѓувладината конференција којашто евентуално би требало да се одржи. На сметка на тоа јас дадов свое гледиште на текстот и врз основа на тоа би извлеков следните три заклучоци. Прво, ниту за мене лично, ниту пак за ВМРО-ДПМНЕ овие два документи вакви какви што се прифатливи и ВМРО-ДПМНЕ и ниту јас лично имаме намера истите документи да ги прифатиме, рече Мицкоски.
Тој потенцира дека тоа не е одлука само на Христијан Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Второ, му понудив на Ковачевски да излезе и да го одбие ова коешто е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барање за предвремени парламентарни избори. Да ги ставам сите капацитети на ВМРО-ДПМНЕ институционални и да и помогнеме на Владата во надминување на предизвиците коишто оваа зима ќе се појават пред нас. Тука пред сè мислам на безбедносни, енергетски, предизвици со храна, финансиски и друго. И на пролет кога ќе ја поминеме сите заедно, според мене, оваа можеби а и според многумина најтешка зима да седнеме и да направиме реевалуација, репроценка на реалната состојба, изјави Мицкоски.
И третата работа која Мицкоски му ја понудил на Ковачевски е во делот од заклучоците од првата меѓувладина да бидат избришани членовите 11 и 14.
Членот 11 од записникот е член којшто детерминира дека Македонија нема да отпочне преговори сè додека не го промени Уставот и нема да има преговарачка рамка, а членот 14 се повикува на протоколот којшто е дел од втората Меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Бугарија. Конференција и протокол во којшто се наоѓаат историските, образовните прашања, културните прашања и промена на учебниците и се она коешто изминативе денови како бугарска верзија јавноста можеше да го види. Тоа е тој протокол, тоа е членот 14, потенцира Мицкоски.
Тој рече доколу Брисел ги избрише тие делови, тогаш може веднаш да се седне и да се разговара.
Ако е така како што не убедуваат дека ова обезбедува европска иднина, а не асимилација на Македонија и уништување на македонскиот идентитет, рече Мицкоски.
OhridNews











