Претседателот на опозциската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за празникот Водици беше во Охрид, каде даде изјава за медиумите. Тој на сите православни верници им го честита овој голем христијански празник и посака граѓаните на Македонија да имаат повеќе успеси, а не порази и понижувања.

Сите оние порази, понижувања и омаловажувања што ни се случуваа во минатото да исчезнат и да бидеме пообединети, посплотени, да како луѓе се почитуваме и се погласно да ги кажуваме нашите мислења затоа што само со една јасна критика ние политичарите но и целата држава може да се стреми кон поголеми успеси и подобра иднина за сите граѓани во Република Македонија. – рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање околу поднесената претставката до Уставен суд за Законот за јазици, од страна на професорот Јове Кекеновски, Мицкоски рече дека во во целокупната процедура на носење на законот има многу недостатоци.

Има многу дивјаштво, многу насилство, и сето она кое што се случуваше навистина не прилега на една демократска земја која што се стреми, планира да биде утре дел од европското семејство. Она што ние како политичка партија го кажавме ние тоа и го реализиравме во текот на вчерашниот ден. Поднесовме кривични пријави против луѓето кои што се соучесници во ова злодело и насилство врз основа на Уставот и законите, и парламентарните процедури.-истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ очекува правосудните органи да постапат во случајот согчасно законот.

Играње на ниски страсти пред претседателски избори, играње на начин на кој што ќе се тргува со гласовите на втората најголема етничка заедница во Република Македонија, а тоа го прави првата помеѓу албанските гласачи, политичка партија СДСМ и втората во случајот ДУИ е навистина неприфатливо. И ние како политичка партија апелираме дека ова не може да се толерира и во име на тоа ги повикуваме и Уставните судии, Обвинителството и судството да постапат според законите и Уставот во оваа држава. – додаде Мицкоски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ му го честиташе фаќањето на крстот на најсреќниот помеѓу православните верници кои што денеска во водите на Охридското Езеро запливаа по крстот и му посака  здравје, среќа и успех.

OhridNews