ВМРО ДПМНЕ се реорганизира, доекипира и ме радува што е се поголем бројот на луѓе кои пристапуваат од различни политички провениенции, затоа очекувам масовна поддршка од страна на граѓаните и победа на 12 април 2020, изјави денеска во Охрид претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој оствари средби со граѓаните, членовите и симпатизерите во рамки на активностите „Разговори за обнова на Македонија“.

Коментирајќи ги актуелните политички случувања и осврнувајќи се на промовирањето на грчкиот бренд „Macedonia the Great”, Мицкоски рече дека веќе се навикнати на практиките што ги спроведува Зоран Заев, нарекувајќи ги авантуристички политики.

  • Освен што слугува и коленичи низ светот, ние не знаеме што е разговарано со Мицотакис, кои се темите. Тоа претставува акт што не е во насока на подобрување на односите, преспанскиот договор требаше да биде договор со кој ќе се подобреа односите, но со ова продолжуваат последиците од егзибицијата на Зоран Заев, рече Мицкоски.

Околу новата методологија на ЕУ за проширувањето и таканаречениот нон-пејпер, кој Франција го испрати до земјите-членки на ЕУ за процесот на проширување на земјите од Западен Балкан, Мицкоски смета дека претставува рамка чии детали дополнително ќе се прецизираат и утврдуваат.

  • Очигледно е дека нашите партнери од ЕУ констатирале дека постојат двојни стандарди кај земјите аспиранти за членство. Ако видат дека само формално ги затворате поглавјата, а не се придржувате кон договореното постои можност повторно да се навратите на таа група и поглавје и тоа може да прерасне во приказна која нема крај. Затоа потребно е да се европеизираме одвнатре, за да можеме да бидеме конкурентни во Европа, рече Мицкоски.

Додаде дека најголемата историска и политичка грешка била лагата што го донела Заев на власт, како што рече, најпрво наречена „живот за Македонија”, а потоа креирањето и водењето политика на коленичење, со што ги навредил граѓаните. „Изгубивме сите, но ВМРО-ДПМНЕ има визија како да ги води преговорите и убеден сум во онаа брза лента за членство во ЕУ“, изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

Т.К.