Најмалку десет проценти од станбената површина во новите станбени објекти ќе треба да биде наменета за млади брачни двојки до 35-годишна возраст, кои ќе може да ја купат по цена најмалку 20 проценти пониска од просечната цена на становите во соодветната катастарска општина во претходната календарска година. Ова го предвидува законското решение на кое работат Владата и Министерството за транспорт, а кое набргу треба да биде доставено до Собранието, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Мерката е дел од пакетот за олеснување на решавањето на станбеното прашање на младите брачни двојки, која беше промовирана вчера на годишната конференција на Унијата на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Секоја градежна компанија којашто во иднина ќе гради објекти за домување, мора однапред да определи најмалку 10% од станбената површина за домување којашто потоа ќе биде понудена на млади брачни парови до 35-годишна возраст по цена којашто ќе биде минимум 20% пониска од цената којашто се нуди за таа катастарска општина којашто била актуелна во претходната година. Точно ќе знаеме врз основа на склучените купопродажни договори колкава била претходната календарска година цената во таа одредена катастарска општина за станбени единици. Просекот точно знаеме колку можеме да го пресметаме и 20% од тоа ќе биде со попуст, односно поевтино, ќе биде понудено на млади брачни парови до 35-годишна возраст, посочи Мицкоски.

На овој начин, додаде, ќе се олесни решавањето на егзистенцијалното прашање домување, истакнувајќи дека пристап е директен и јасен и прецизен, не еден, два, три проценти, туку минимум 20% пониска цена за метар квадратен за брачен пар до 35 години, којашто ќе се споредува со просекот за катастарската општина од претходната календарска година за да нема понатаму шпекулации.

Втората мерка е исто така закон којшто многу скоро ќе се најде пред пратениците, а тоа е да за брачни парови до 35 години коишто ќе сакаат да изградат свој дом, нов дом, односно куќа, да општините не наплаќаат комуналии. Односно, да не можат да наплатат комуналии. И тоа ќе биде повторно законско решение коешто ќе биде многу скоро дадено пред пратениците. И очекувам поддршка од сите пратеници во македонското Собрание, рече Мицкоски.

Третата мерка, која ја посочи е студенскиот оброк и подобрување на стандардот на студентите.

Студентите не само да добијат зголемување на сумата којашто ќе ја користат за да го обезбедат студентскиот оброк, туку истовремено преку „м-услуги“ апликацијата да добиваат и други привилегии коишто во овој момент не ги добиваат. И ние цениме дека на овој начин драматично ќе го олесниме студирањето и ќе го подобриме студентскиот стандард. Работиме на апликацијата, работиме со колегите од Генералниот секретаријат, од Министерството за дигитална трансформација, образование и наука и финансии. И очекувам многу скоро да излеземе со ова иновативно, дигитално решение коешто го нема во Европа. Ниту една држава во Европа нема ваков тип на решение коешто ќе го имаат македонските студенти, додаде Мицкоски.

OhridNews