Државата не се гради со зборови, туку со карактер, иднината не ја носат храбрите говори, туку храбрите одлуки и во животот на секоја генерација постои момент кога историјата престанува да биде учебник и станува обврска, а пред нас е точно тој момент, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во обраќањето на XVIII конгрес на партијата кој се одржува во Кавадарци.
Денес, тука, не зборуваме само за програми, за платформи, за бројки или мерки. Зборуваме за нешто поголемо. За обновата на македонската самодоверба. За враќање на чувството дека оваа земја не е случајност, туку наследство, не е експеримент, туку победено право, не е компромис, туку завет од генерации што се бореле за да постоиме ние. И затоа, нашиот повик денес е повисок од политиката. Тој е повик да престанеме да бидеме публика во сопствената држава. Да престанеме да дозволуваме стравот, цинизмот или навиката да го определуваат нашиот пат. Македонија не смее да живее во дефанзива. Таа мора да застане исправено, со достоинство, со јасна мисла и со волја што не се крши, рече Мицкоски.
Затоа, додаде Мицкоски, денес ја обновуваме големата идеја, дека државата е заеднички дом на сите, но обврска пред секого, дека слободата не е подарок, туку дисциплина, дека модерната Европа не е географија, туку вредност и дека напредокот не доаѓа од оние што чекаат, туку од оние што тргнуваат да го создадат.
Ние сме тие што мора да тргнат. Затоа што никој од надвор нема да ни ја изгради државата, ниту ќе ни ја заштити историјата, ниту ќе ни ја напише визијата. Тоа е наша чест, наша должност и наша генерациска мисија. А ако нешто научивме во сите овие години, тоа е дека Македонија не паѓа кога е тешко, паѓа кога се откажува. Денес одбиваме да се откажеме. Одбиваме да ја прифатиме идејата дека малата држава мора да има мали амбиции. Одбиваме да веруваме дека нашите деца треба да си заминат од овде за да успеат, одбиваме да ја прифатиме приказната дека Македонија е премногу мала за големи работи. Напротив. Македонија е доволно голема колку што е голема нашата волја да ја направиме подобра. И денес таа волја постои. Зрела е. Посилна од било кога. Затоа што денес не почнуваме нешто ново, денес продолжуваме нешто започнато пред генерации. Го продолжуваме стремежот за државност, за достоинство, за место под сонцето што никој не може да ни го одземе, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека ова е времето на создавање не на чекање, на визија не на страв, на обединување не на пресметки, на изградба не на извинување.
Македонија влегува во деценијата на зрелост. А ние, собрани денес, сме должни да бидеме генерацијата што ќе ја постави темелната линија, дека државата може, дека државата знае и дека државата ќе успее. Ова е нашето ветување. Ова е нашиот завет и ова е нашата мисија, порача Мицкоски.
Се очекува Мицкоски да биде по третпат избран за претседател на партијата и ова би било последен мандат бидејќи Статутот на партијата предвидува една личност да може да биде реизбрана за претседател најмногу три мандати.
OhridNews












