Енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија. Одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации. Енергетиката е срцето на економијата, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од отворањето на 14. Меѓународен форум за енергетика за одржлив развој насловен „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“, што се одржува во Скопје.

Фактот што денес овде во Скопје се води оваа глобална дискусија, покажува дека регионалната енергетска иднина може – и треба – да се гради токму тука во нашата земја. Ова е нашата прилика да покажеме дека земја со мала површина може да има големо влијание – кога има јасна визија, решителност и лидерство. Сакам да ја истакнам улогата и визионерството на министерката за енергетика која е решена да ги придвижи работите за кратко време, да ги забрза процесите и да не дозволи Македонија да заостанува во трката со времето. Како човек кој самиот доаѓа од енергетскиот сектор, добро знам колку е важно тоа чувство на постојано движење, на промена и на одговорност. Затоа енергетиката е поставена високо на државната агенда – не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија. Енергетската транзиција изгледаше недостижна, скапа, бавна. Но, ние ја правиме возможна. Секој соларен панел, секоја ветерница, секоја нова електрана што работи на чиста енергија – тоа е дел од нашата современа борба за независност, рече Мицкоски.

Посочи дека енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање, а глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода.

Во изминатите неколку месеци, направивме значителни чекори напред: започнавме интензивно со инвестиции во обновливи извори на енергија, воспоставивме јасни регулаторни рамки, изградивме енергетски интерконектори со соседните земји, започнавме програми за енергетска ефикасност во јавниот и приватниот сектор. Се поставуваат соларни и ветерни паркови кои пред само една деценија беа визија на хартија. Сега тие се реалност, дел од мрежата што ја храни иднината. Паралелно, инвестираме во човечки капитал, затоа што знаеме дека енергијата не доаѓа само од природата, туку и од луѓето кои создаваат, иновираат и сонуваат, потенцираше.

Енергетиката, додаде е срцето на економијата, а секоја инвестиција во чиста енергија е инвестиција во живот, здравје, стабилност и напредок.

Денес испраќаме порака дека одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации. Секоја нова технологија што ја воведуваме, секој киловат што го произведуваме без загадување – тоа е чекор кон економија што ќе ја напојува иднината, потенцираше Мицкоски.

OhridNews