Народната банка и Владата имаат свои инструменти и со нивна помош целосно ја контролираме состојбата со Алта банка. Апсолутно, нема простор за загриженост. Целта е да се спаси банката бидејќи станува збор за здрава финансиска институција, рече премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на третата фаза од системот за наводнување „Страиште“ во општина Валандово, во врска со обвинувањето на СДСМ дека ниеден од понудените два модели за Алта банка нема да вродат со плод.

Тие се радуваат граѓаните да не бидат обесштетени по принципот на ТАТ од времето на СДСМ, по принципот на Еуростандард банка од времето на СДСМ. Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент секој доверител, секој штедач, ќе биде обесштетен бидејќи повеќето од штедните влогови се осигурени во Фондот за осигурување штедни влогови, а активата на банката е многу поголема од побарувањата. Но, ние се трудиме да не дојде до тоа, односно до ова црно сценарио за кое СДСМ се моли секој ден, односно да најдеме купувач. Следните неколку дена, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе имаме средби со повеќе финансиски институции, кои би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката, посочи Мицкоски.
Истакна дека „опозицијата преку увезената криза од Србија смета дека ќе се факторизира и од политички целосно небитна структура на тој начин ќе привлече политичко внимание“. Воедно, посочи дека последната информација е дека менувачниците ограничиле менување евра до 300-400.
Значи, не може повеќе да се врши конверзија на тамошната валута динари во евра. И тоа претставува сериозен индикатор за стабилноста на тамошниот банкарски систем. Се надевам дека најцрното сценарио ќе биде избегнато затоа што Србија е значаен трговски партнер за Македонија. Голем број наши компании соработуваат со српски компании и многумина од сопствениците на тие компании ми се јавуваат и ме прашуваат што понатаму бидејќи нивните партнери од Србија имаат блокирани сметки и средства во Алта банка. Некои од нив дури и го затвориле својот бизнис, односно банкротирале, со што практично нашите компании сега имаат проблем, додаде Мицкоски.
OhridNews











