Оперативниот план за вработување за 2025 година е вреден 40 милиони евра и опфаќа над 16 илјади невработени, од кои се очекува 65 проценти да се млади до 29 години, информираше на денешната прес-конференција претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

Во оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат креирање на нови работни места и зголемување на вработеноста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош. Согласно Оперативниот План за 2025 година предвидено е да се вклучат вкупно 16.057 невработени лица, од кои 12.537 лица во активни мерки за вработување, а 3.520 лица во услуги за вработување, рече Мицкоски,

Посочи дека со овој план се опфаќаат две главни точки, од кои првата е директна поддршка за стартап бизниси на млади.

Втората работа е организиран пристап во сузбивањето на појавата на пожари особено присутен проблем во летниот период за што ќе се вработат 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво.

Младите се ставени во фокусот со цел, потенцираше Мицкоски, да се спречи одливот на мозоци и работна сила, бидејќи тие се иднината на државата и економските стратегии на секоја една сериозна држава треба да се градат врз темелот на можностите и капацитетите на младиот човек.

Како дел од тој сет мерки се поддршката за самовработување-невработени млади лица до 29 години која според проекциите има опфат од 720 лица. Со оваа мерка невработените добиваат поддршка да започнат или да формализираат сопствен бизнис, со услов да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка е 615.000 денари (неповратни средства за основање на бизнис) и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект. Поддршката за самовработување-невработени млади лица до 29 години која според проекциите има опфат од 720 лица. Поддршка за самовработување-здружување во ДОО кое е предвидено да опфати 400 лица од кои 220 млади до 29 години, која има за цел да овозможи невработените да започнат или да формализираат сопствен бизнис, при што невработените лица треба да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование.

Мицкоски ги посочи и мерките за практикантство чија цел е да вклучи 1.352 млади лица до 29 години за стекнување практични работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места, при што еден од предусловите е лицата да имаат минимум завршено средно образование, како и младинскиот додаток за 3.500 млади до 23 години кои ќе засноваат работен однос или се вработени во дејностите од областа на производството.

Оперативниот план има за цел да ја намали невработеноста и да го искористи целиот човечки капацитет на Македонија во насока кон развој на економијата и обезбедување на подобар живот на граѓаните, додаде Мицкоски.

OhridNews