Минатата година трите воздухоплови кои ги имаме на располагање за гаснење на пожари беа приземјени, не беа сервисирани, немаа употребна дозвола за да може да бидат управувани. За жал, пилотите беа незадоволни и во пензија и моравме да ги враќаме и се разбира немаше никаков официјален протокол како оди вертикалната оска на команда да се справиме со пожарите, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната надзорна расправа за аерозагадувањето во Собранието потенцирајќи дека оваа година има план и државата е поподготвена да се справи со пожарите доколку ги има.

Премиерот Мицкоски посочи дека еден од проблемите, за жал, е што има дуализам во две институции и не само тоа на повеќе нивоа има неусогласеност на командната политика за справување со пожарите, односно, рече, имаме Дирекција за заштита и спасување и Центар за управување со кризи и тоа се менува.

Како Влада зададовме задача, некаде од октомври почнеме процес на спојување на овие две институции во една и тоа е барање и на НАТО како реформа. Да знаеме која е таа институција која дојавува и се справува и има вертикална одговорност. Исто така општините, пожарникарите, но и доброволните друштва кои често пати се активираат и за тоа добиваат хонорари. Ако целиот овој систем функционира беспрекорно ние ќе немаме потреба од интервенција на МВР или војската. Нормално за време на сезона мора да знаеме кој се движи во шумите, да знаеме кои се луѓето и каде да има одговорност доколку се случи пожар. Оваа година ќе има забрана за движење во шуми и секој кој ќе сака да се движи, спортува, планинари ќе може да извади соодветна белешка. Од друга страна оној кој е одговорен за инфраструктурата, пристапните патишта во шумите, тоа е Национални шуми, тие минатата година беа со демотивирани вработени и неисплатени плати, а дрвосечачи примени кои не се подготвени на работата која треба да ја вршат, немаше нафта, возилата гаражирани, беше тешко сето да се пробива. Чекор по чекор интервениравме, нагласи премиерот Мицкоски.

Мицкоски додаде дека се вршат финални подготовки, има и тело кое го води потпретседателот на владата Љупчо Димовски, каде се соодветните министри и директори на институциите.

Подготвени сме оваа година да интервенираме поорганизирано. Имаме план, точно ќе знаеме и кој е во шумите, ценам дека оваа година не би сакал да има пожари, но сме многу поподготвени, потенцираше премиерот Мицкоски.

OhridNews