Покажавме дека 4 години работиме за секој еден човек, и дека програмата која ја ветивме во најголем дел вие ја остваривте. Ги вративте вашите општини на вистинскиот пат, патот на промените, инвестициите, на градењето паркови, улици, градинки, училишта. Одговорно и посветено. Работливо, без ветување на чуда, но со многу ентузијазам и сите атоми на енергија вложени за градење на подобра општина и обезбедување на подобра иднина. Најважно е што останавте луѓе врз кој можат да се потпрат граѓаните, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на отворањето на самот на градоначалници „Четири години работа за тебе”.

Во изминативе 4 години изградивме и реконструиравме улици, булевари, патишта во вкупна должина од над 770 километри во вкупна вредност од околу 100 милиони евра. Направени се 46,840 метри нови водоводи, изградени се канализации од должина над 91 илјади метри. Изградени или во завршна фаза на градење 7 пазари од затворен тип. Изградени или во завршна фаза на градење се 12 пречистителни станици. Во делот на образованието реконструирани и модернизирани се повеќе од  400 училишта. Поставени се фотоволтаици на поголем број на училиштата, обезбедена е бесплатна храна за децата од 1 до 5 одделение и обезбедено е бесплатно летување за децата од социјално загрозените семејства во голем број на општини, со доградба и реконструкција на училиштатата се воведе и еднодневна сменска настава, посочи Мицкоски.

Реконструирани и модернизирани се, истакна над 70 детски градинки, а новоизградени се неколку десетици градинки за оваа цел се инвестирани повеќе од една милијарда денари.

Завршени или во завршна фаза се 274 спортски игралишта или детски рекреативни терени. Изграден нов полузатворен градски пазар на површина од 1200 м2 со обезбедни паркинг места во Штип. После долги години изграден е нов покриен пазар во Велес. Во завршна фаза е изградбата на модерен градски пазар со простории за трговија, катна гаража и канцеларии во Радовиш. Изградена е пречистителна станица за отпадни води во с. Видовиште со финансиска конструкција од околу 2 милиони денари. Направена е изградба и реконструкција на 20тина повеќенаменски спортски и детски игралишта во општина Охрид. Во општина Демир Хисар изградени се две игралишта за кошарка и тенис. Во населба Илинден беше пуштен во употреба нов фудбалски терен. Изградени се спортски центри во Стајковци, Хиподром, Инџиково и Идризово. Вкупната инвестиција изнесува над 15.000.000 денари во општина Гази Баба. И во интерес на времето тука ќе запрам бидејќи можам да редам стотици и стотици проекти коишто во секоја една од општините се изработени. Има многу, многу вакви проекти за кои детално ќе говорат и градоначалниците во наредниот период, рече Мицкоски.

А за тоа како изгледа поддршката на централната Влада на општините, додаде, најдобро се гледа од инвестираните 500 милиони евра за капитални проекти за локален развој за општините.

За само една година по преземањето на одговорноста на централната влада се овозможи да се инвестираат 500 милиони евра за локален развој преку два јавни повици од кои на вториот повик имаше 887 од 80 општини. Само во овој момент се реализираат проекти по општините од над 100 милиони евра обезбедени од Владата. И таа поддршка ќе продолжи. Свесен сум и за сите недостатоци и големи потреби на граѓаните. Но, нашата работа е за секој еден граѓанин и навистина сум горд на постигнатото и на промените коишто ги правиме заедно, рече Мицкоски.

Воедно испрати и пораки за следните локални избори во која посочи дека на изборите сосема е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи убедливо и дека на овие избори во најголем дел ќе се решат работите уште во првиот круг.

Тука очекувам ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ да издвојуваат победа во најголемиот дел од општините уште во првиот круг. И тоа го говорат анкетите но и нашето чувство кое го имаме изградено врз нашето искуство од комуникацијата со граѓаните. Но, сакам и да кажам дека секоја победа мора да се заслужи со работа и со чесност, додаде Мицкоски.

OhridNews