Во првото полугодие од 2025 година бројот на туристи во Македонија е поголем за 13,5 отсто споредено со истиот период 2024 година. Бројот на странските туристи е поголем за 19,7 отсто во 2025 година споредено со истиот период 2024 година. Бројот на домашните туристи е помал за 2,5 отсто споредено со истиот период 2024 година, објави премиер Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Во истиот период од 2025 година имаме за 8,5% повеќе реализирани ноќевања споредено со првата половина од 2024 година. Нашата Македонија е преубава, ако бројот на странските туристи се зголемува со ниво од 20% годишно и наоѓаат причина да ги посетат македонските градови и села, македонските езера и планини, да уживаат во прекрасната македонска традиционална кујна и вина, тогаш тоа е доволна причина сите ние заедно да уживаме во убавините на Македонија, вели Мицкоски.

Посочува дека и надвор од туристичката сезона на нашите главни туристички центри повторно ќе има гости кои што ќе бидат во бројка од неколку 10-тици илјади кои што ќе генерираат неколку стотици илјади преноќувања.

Зборувам за бројка од 40, 50, 60 илјади гости кои ќе бидат надвор од сезоната и зборувам за бројка од 150, 200, 300 илјади преноќувања, нешто кое што сме го немале во минатото, додава Мицкоски потенцирајќи дека организираниот пристап дава резултати.

OhridNews