Во организација на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и Министерството за локална самоуправа, денеска во Охрид започна 12- тиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската унија.

На состанокот, меѓу другото се говореше за  предизвиците и состојбите во земјава предизвикани од бегалската криза. Како што истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов, состојбата со мигрантите е повеќе од сериозна со оглед на тоа дека на граничниот премин кај Гевгелија дневно има прилив од 2,5 до 6.000 мигранти неопходна  е помош за справување со кризата.

Веќе е разговарано со Европската делегација, со УНДП, УХЦР како и со други организации да ни се помогне. Ние мораме да ги дуплираме  нашите капацитети. Ако во Гевгелија месечно се подигнуваат  по 1900 контејнери смет, имаме по 790 подигнувања на контејнери месечно само на пунктот за мигрантите. Капацитетите во Јавното комунално претпријатие треба да работат двојно повеќе. Тука ќе имаме и дополнителни потреби од електрична енергија заради греење во зимскиот период. Но добро е што пунктото з арегистрација е надвор од градот. Ако во Гевгелија има 16 илјади граѓани и дневно ви влезат од 8 до 10 илјади мигранти, можете да замислите како се чувствуваат граѓаните на Гевгелија. Пунктот што успеавме да го отвориме заедно со Владата надвор до градот е олеснување за самите граѓани, но се уште имаме еден дел од градот којшто е блокиран од автобуси  и од такси возила каде се пречекуваат мигранти да ги превезат. Затоа барањето на Општина Гевгелија беше, патот што беше за планираниот граничен патнички премин со Грција кој сега за жал функционира како див, мигрантски премин, да биде направен за да може да има полесна комуникација и да можеме и овој дел од градот да го ослободиме од притисокот на превозниците и мигрантите зашто граѓаните не заслужуваат да им биде нарушен мирот, вели Франгов.

Жан-Франсоа Истас, копретседавач на Заедничкиот консултативен комитет изјави дека сите земји кои се погодени од бегалската криза треба посветено да работат на нејзино разрешување.

Изразуваме голема благодарност за Македонија за она што досега го направила за бегалците. Се обидуваме и ние да помогнеме колку што можеме затоа што тоа е и наша одговорност, рече Истас.

Учесниците на состанокот разговараа и за статусот на процесот на проширување и вклучување на локалните власти, а се дебатира и за фискалната децентрализација.

OhridNews