Со изложбата „Турското уметничко наследство“, денеска, во Спомен Домот на Христо Узунов, започна Петтата меѓународна конференција „Охрид- Водици 2017“. Темата на овогодинешната меѓународна конференција е „Светот што бега, течната модерност и преобликување на културните идентитеи, наследство, економијата, туризмот и медиумите“.
Како што истакна проф. д-р Рубин Земон, претседателот на Програмскиот комитет за организација на конференцијата, целта е преку дискусиите да се даде придонес кон решавање на современите проблеми.
– Се надеваме дека конференцијата како и секоја година ќе даде научен придонес кон современите проблеми и предизвици кои ги имаме во светот, кој денес се соочува со глобализацијата, миграциите, тероризмот, фундаментализмот, радикализмот. Ние како научници сакаме да дадеме наш придонес кон тоа за да се решат ваквите проблеми што поскоро, рече Земон.
На конференцијата учествуваат 57 претставници од 11 земји.
Организатори на конференцијата за културно наследство, туризам и медиуми се Институтот за Социо-културна антропологија на Македонија и партнерите Универзитетот „Евро-Балкан“ од Скопје, Селџук Универзитетот од Конија (Република Турција), како и организацијата „Мирас“ од Баку (Република Азербејџан).
OhridNews