Уште една летна сезона која и покрај најавите на градоначалникот и локалната самоуправа дека ќе биде организирана, повторно е слика на хаос. За нас тоа е сосема очекувано од една локална самоуправа чиј интерес е само урбанистичкото дивеење и издавањето на локации за изградба на станови кои го уништуваат ионака слабиот туризам, изјави на денешната прес конференција претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.


Да биде трагикомедијата поголема токму градоначалникот во колумна која ја напиша веројатно од Турција, повика да се дојде на летување во Охрид, додека заедно со најблиските од администрацијата и тајфата си замина на одмор во Турција и тоа на сметка на охриѓани, под маска на некаква наводна делегација и барање инвестиции. Од Австралија ја донесе неговата најголема инвестиција изминативе 7 години- бумерангот. Очекуваме од патриотски причини од плажите во Турција да донесе повторно некаква голема инвестиција- тулумба или кадаиф, рече Михаилов.

Михаилов запраша која е таа делегација од Охрид во Јалова- Турција и во кој состав, со каква агенда. Според претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, додека градоначалникот ужива во убавините на Турција, на Охрид му се случува досега невиден хаос.

– Плоштад обвиен со магла и чад, оштетување на спомениците на светителите, бокс машини, удиралки, циркузанти насекаде. Вистинска слика на оние кои го водат градот и кои само пред три недели ветуваа дека тоа ќе биде духовниот триаголник на Охрид, рече Михаилов.

OhridNews