– Петрески преку Проаква сака да изврши зголемување на центата на водата во Охрид за 20%. Неуспехот во водењето на Проаква, отпуштањето на работници, хавариите во системот, сакаат да ги покријат со удар врз џебот на граѓаните. Охрид и досега плаќаше една од највисоките цени за вода по кубик, а со ова зголемување тоа ќе биде убедливо највисока цена, рече претседателот на ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.
Како што истакна Михаилов, локалната самоуправа со предлог до советот сака да изврши зголемување на цената за одвод на отпадни води само за да ја покрие неспособноста на менаџерот во ЈП Нискоградба да го раководи новосоздаденото претпријатие, кое врие поради неисплаќање на плати и штрајкови.
– Го потсетуваме директорот на Нискоградба дека трошоците на претпријатието ќе беа пониски доколку тој не потрошеше половина милион денари на мобилна телефонија и стотици илјади на ручеци и репрезантации, рече Михаилов.
Претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ истакна дека локалната самоуправа со предлог на советот сака да изврши и зголемување на цените за услугите на ЈП Комуналец.
– Тоа е истото она претпријатие на другарчето на градоначалникот на кој тој со буџет му префрла 14 милиони денари надвор од сметките кои ги плаќаат граѓаните. Во предлогот, без чувство на срам се бара зголемување на цената на услугата за 9%, како да не му се доволно пари на другарчето на градоначалникот, па уште сега и граѓаните треба да го почастат уште 9% за неговите прошетки низ светот и за несредениот град, рече Михаилов.
Тој нагласи дека локалната самоуправа до советот предлага и давачка за гробарина од 914 денари годишно.
– Давачката за гробарина не смее да изнесува повеќе од 200 денари годишно и тоа според нас е единствената оправдана цена, нагласи Михаилов.
ОК на ВМРО- ДПМНЕ бара градоначалникот и поднесувачите на наведените предлог одлуки да ги повлечат од седницата на советот во петок.
– Доколку немаат доблест да ги повлечат одлуките, советниците на ВМРО- ДПМНЕ ќе бидат јасно и гласно против донесувањето на одлуките. Имајќи ги во предвид информациите кои ги имаме дека граѓаните се подготвени незадоволството да го изразат со протести, повикуваме на трпеливост , но во секој случај како партија блиска до народот ќе застанеме со поддршка зад своите граѓани, нагласи претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ.