Последните случувања околу неиздавањето на дозвола за изградба на Здравствениот дом во Охрид, ја прелија чашата, велат од општинската ВМРО- ДПМНЕ. Она што беше кажано од страна на градоначалникот Александар Петрески и раководителот на Сектороот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, во врска со изградбата на новиот Здравствен дом, од ВМРО- ДПМНЕ го оценуваат како лага и обид за манипулација со граѓаните.

Како што истакна претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов, во решението од страна на локалната самоуправа со кое се одбива барањето на ЈЗУ „Здравствен дом“ Охрид за издавање на решение за локациски услови за изградба на Здравствениот дом, како причини биле наведени- недоставен доказ за сопственост, идеен проект изработен согласно локалната урбанистичка планска документација и геодетски елаборат, изработен врз основ на изводот.


Михаилов на денешната прес конференција истакна дека ваквото образложение од локалната самоуправа било неиздржано, затоа што сите тие документи биле навремено доставени до локалната самоуправа.

Очигледно е дека изградбата на Здравстениот дом не е ваш личен интерес, туку е од интерес на сите граѓани од Охрид. Од Здравствениот дом не може да се заработи, туку од него ќе имаат корист сите граѓани на Охрид. Господа од СДСМ ве повикуваме вас и вашиот Градоначалник во интерес на сите граѓани на Охрид, да ја издадете потребната градежна дозвола, како би можела да се реализира инвестицијата вредна 2,3 милиони евра за изградба на Здравствениот дом. Документите ви се доставени, само треба ваша добра воља, рече Михаилов.

Михаилов го отфрла како неосновано и наведеното барање на локалната самоуправа која претходно изнесе дека кога станува збор за изградба на објекти од јавен интерес на простор чиј сопственик е државата, односно менаџира министерството за транспорт и врски, по барање на јавната институција, мора да биде склучена директна непосредна спогодба за долгорочен закуп во времетраење од 99 години. – Само врз основ на тоа, ние можеме да издадеме одобрение за градба, беше потенцирано од страна на раководителот на Секторот за урбанизам.

Земјиштето каде треба да се гради Здравствениот дом, од страна на надлежното министерство е предадено во трајно владение на јавната установа и не гледам основ зошто е потребен договор за долгорочен закуп, рече Михаилов.

Т. Кувенџиска