Од Центарот за јавно здравје информираат дека причината што не се издаваат фискални сметки е дефект на фискалната каса и дека се работи во согласност со законските прописи.
– Фискалната каса се расипувала неколку пати. Уште утре е предвидено да се носи повторно на поправка. И покрај тоа, за секое вакцинирање се издаваат потврди од парагон блокчиња кои се користат со одобрение од Управата за јавни приходи, вели директорот на Центарот за јавно здравје, Атанаско Михаилов.
Во врска со реакциите дека нема превод на амбалажата на македонски јазик за можни контраиндикации од вакцината, Михаилов потенцира дека вакцината е проверена од страна на Бирото за лекови, како и од меѓународните агенции задолжени за проверка и квалитет на лекови. Дел од вакцините се производство на Авентис Пастер од Франција, а дел од нив се производство на Глаксо Смит Клајн испостава во Германија.
– Согласно тоа, не се очекуваат несакани последици од вакцинирањето, пред се затоа што не станува збор за лек, туку за превенција од сезонски грип. Целта на вакцинирањето е да штити, а не да разболува. Не се препорачува вакцинирањето единствено во случај ако граѓанинот во моментот кога сака да се вакцинира има грип, напоменува Михаилов.
Вакцинацијата против сезонски грип започна во петокот и за потребите во Охрид набавени се околу 2300 вакцини. Вакцинацијата се врши во Центарот за јавно здравје, а една вакцина чини 400 денари.
Вакцината против грип, се препорачува за ризичните групи граѓани- постарите лица со хронични заболувања, помалите лица со намален имунитет и хронични заболувања, како и за лицата кои во текот на својата работа се изложени на заразување како здравствените работници и други струки – полиција, теренски работници, пошта, комуникации итн.