“Рибарите“ на гостувањето во Кичево, го претрпеа вториот пораз во серија без постигнат гол во противничката мрежа. После изедначеното прво полувреме, брзиот гол на Напредок во вторите 45 минута ги “измести“ охриѓани од колосек, а до крајот кичевчани погодија уште два пати.

–  Првото полувреме помина во отворена игра, и двата тима имаа свои шанси, нам ни припаднаа позрелите, кои не ги искористивме. Второто полувреме започна лошо за нас, веднаш примивме случаен гол, кој многу тешко му падна на фудбалерите. Со измени пробав да ја освежам екипата, но следуваше вториот погодок на Напредок. После тоа  имавме уште две чисти прилики но и среќата ни го сврте грбот. Во финишот на дуелот Напредок од наивна наша грешка ги постави конечните 3-0 – истакна “шефот“ на Охрид 2004, Горазд Михаилов.

“Рибарите“ во последната третината од шампионататот ги очекува пеколен распоред. Тренерот на охриѓани смета дека екипата е спремна да одговори на предизвиците, кои им престојат во шампионатот. 

– Со оглед каква е состојбата во клубот, момците одиграа добро и  извлековме максимум во овие натпревари. Ние секој меч одиме на победа и нема што да загубиме во следните мечеви – смета Михајлов.

Во 23-то коло Охрид 2004 гостува во Тетово, кај актуелниот првак на Македонија, екипата на Шкендија.

Мх.П.