Масимилијано Алегри и следната сезона ќе го предводи Милан, официјално е потврдено по состанок кој тренерот го имал со претседателот и потпретседателот на клубот, Силвио Берлускони и Адријано Галијани.


Двете страни на овој начин ставија крај на шпекулациите дека Алегри ќе се пресели во Рома и дека Франк Рајкард ќе биде новиот тренер на „црвено-црните“.

Договорот на Алегри со Милан истекува во јуни 2014, а на состанокот не било разговарано за негово евентуално продолжување.

„Со Галијани и Алегри имав срдечен разговор, ја анализиравме сезоната. Постигнавме договор за правата и обврските  на тренерот кон клубот и обратно. Разговаравме за стилот на игра кој Милан ќе мора да го форсира и ги утврдивме приоритетите за преодниот рок“, изјавил Берлускони. Алегри во Милан се пресели во 2010 година и веќе во првата сезона го освои скудетото.