Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како првообвинет во случајот „Топлик”, денеска од Основниот кривичен суд Скопје е прогласен за виновен и осуден на три години и шест месеци затвор.

Судечкиот совет предводен од судијата Осман Шабани на претседателот на Комисијата за јавно наддавање, обвинетиот Томе Ѓурчилов му изрече затворска казна во траење од три години затвор, додека останатите обвинети членови на Комисијата, Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гаќев и Весна Томчевска добија условни казни затвор од две години кои нема да се извршат доколку во рок од пет години не сторат ново кривично дело.

Застапник на обвинението во случајот „Топлик“, кој се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на населбата „Сончев Град“ во Општина Сопиште, е обвинителот Бурим Рустеми.

Рустеми жалба, како што најави, најверојатно ќе поднесе за пресудата против лицето Димитар Димовски.

Генерално сум задоволен од казната на обвинетите, освен што сметам дека најверојатно можам да се жалам за еден од обвинетите за кој не сум задоволен од изречената казна – тоа е лицето Димитар Димовски, затоа што видно од изведените докази сметам дека тој имал значајна одговорност во кривично-правниот настан. Тоа произлегува од дел на исказите на сведоците кои наведуваат дека од негова страна и од страна на првообвинетиот доживеале притисок во нивната работа, рече обвинителот Рустеми.

Адвокатот на третообвинетиот Димовски, (заменик претседател на Комисијата за јавно надавање во Министерството за транспорт и врски), Панчо Тошковски најави дека ќе поднесе жалба на денешната пресуда, наведувајќи дека, како што рече, македонското судство денес го допре дното.

Денеска се потврди како секој еден човек во Република Македонија за кое било дејствие што ќе го преземе во својот живот доколку има соодветни инструкции во рамки на одредени дејствија на крајот на денот може да се најде на осудителна клупа и да биде осуден без разлика дали е виновен или не за она што го направил, без разлика дали има штета или нема штета, без разлика дали во кривичната постапка дојде оштетен и кажа дека јас сум оштетен во оваа постапка, без разлика дали јавниот обвинител има законско овластување да ја води постапката или нема, изјави адвокат Тошковски.

Првото рочиште за случајот „Топлик” се одржа на 30 јануари 2018 година. Според обвинителниот акт првообвинетите Миле Јанакиески, како службено лице – министер за транспорт и врски, и обвинетите Томе Ѓурчилов, Димитар Димовски Марица Тасева, Димитар Гаќев и Весна Томчевска како службени лица – членови на Комисијата за јавни наддавањa при Министерството како соизвршители со искористување на својата службена положба, свесни дека поради нивното сторување може да настапат штетни последици, се согласиле со нејзиното настапување, нанеле штета на средствата од буџетот на Република Македонија во износ од 64.206.839 денари.

OhridNews