Македонскиот премиер Никола Груевски во зградата на Владата вчера го прими најбогатиот човек на светот,  мексиканскиот бизнисмен Карлос Слим.

Телекомуникацискиот магнат Мексиканецот со либанско потекло Карлос Слим допатува во Македонија за да учествува на конференцијата на Комисијата за информациски технологии формирана од Меѓународната телекомуникациска заедница и Унеско, со која претседава токму тој. Конференцијата ќе трае во понеделник и вторник во Охрид и првпат се одржува во овој регион бидејќи до сега средбите на нејзините членови биле исклучиво во Женева, Њујорк и во Париз.


Како што рече за медиумите министерот Иво Ивановски, на чија лична покана Слим доаѓа во Македонија, Владата веќе има предложено неколку проекти кои ќе бидат ставени на маса и за кои ќе се дискутира со Слим. Тој рече дека се надева оти ова нема да биде прв контакт и дека по посетата ќе остане можноста за поголема комуникација со претставниците на неговите компании.

Ивановски рече дека Слим е добро запознат со Македонија, знае за стапката на невработеноста, задолженоста, гранките кои имаат потенцијал, кои се најголеми извозници, кои се потенцијалите во енергетиката, металството, и телефонијата.
Како што изјави Ивановски, на средбата со премиерот Никола Груевски, било дискутирано и за образованието, односно за проектите за модернизација на образованието што ги има Владата.


„Тој е познат филантроп и од својата Фондацијата што ја има во Мексико инвестира многу за модернизација на училиштата, воведување инфомациски и телекомуникациски технологии. Досега не инвестирал во Европа, но заинтересиран е за проширување на бизнисот. Во едно интервју изјавил дека никогаш не ги чува парите, туку постојано ги инвестира во нови бизниси, и на тој начин ги зголемува”, рече Ивановски.

На новинарско прашање дали Слим изразил поконкретен интерес, Ивановски прецизираше дека денешниот прв состанок претставува запознавање и дека во денес е планиран работен состанок, на кој е најавено и присуство на седум деловни пријатели на Слим кои пристигнаа со него во Македонија, со економскиот тим на Владата на кој ќе му бидат презентирани владините проектите за привлекување странски директни инвестиции.


„Сѐ уште е рано, но како што кажа битно е да ја види прво земјата и да види кој раководи со државата. Му се допадна младиот владин тим и од она што е избрифиран и согледувајќи ги резултатите што Македонија ги има направено во изминатиот период, кога имаше економска криза, а Македонија се покажа дека добро знае да владее со економските сектори, дека имавме позитивни резултати, тоа за него особено значи”, рече министерот Ивановски.

Според магазинот Форбс, 72-годишниот Карлос Слим трета година е најбогатот човек на светот, пред Бил Гејтс и Ворен Бафет. Неговото богатство е проценето на 69 милијарди долари. Своето богатство го стекнал во секторот на телекомуникациите, трговијата, финасиите, суровините и енергетиката. Тој е претседател и главен извршен директор на телекомуникациските компании Телмекс и Америка Мовил.

OhridNews
Извор: Макфакс