Електродистрибуција во првата половина од годината инвестираше над 20 милиони евра во модернизација и реконструкција на дистрибутивната мрежа на висок и среден напон.
Овие значајни инвестиции, посочуваат од Електродистрибуција, се наменети за проекти чија цел e долгорочно подобрување на квалитетот и сигурноста во снабдувањето на корисниците, како и зголемување на моќноста и капацитетот на дистрибутивната мрежа.
Голем проект кој тековно се реализира во центарот на Скопје е високонапонската трафостаница 110/35/10 kV „Централна“, во чија изградба досега се инвестирани 11 милиони евра. Другата значајна инвестиција, во проектите за каблирање, надминува 9 милиони евра. Овие проекти опфаќаат замена на постоечките надземни линии со подземни кабли и изградба на нови кабелски линии во должина од 110 километри низ повеќе локации како Аеродром, Пештани, Зајас, Тајмиште, Струмица и Делчево, велат.
До крајот на годината, потенцираат, планирано е и поставувањето на новиот 110 kV кабел во правец Југ Нова – Централна – Вардар.
Овие инвестиции на Електродистибуција го подобруваат нивото на ефикасност на целиот систем, додаваат.
OhridNews