Сите заинтересирани и имотни граѓани кои сакаат да купат деловен објект на ексклузивна локација во охридската чаршија, не можат да ја остварат својата желба, затоа што во мометов не постои таков слободен простор кој се нуди на пазарот за недвижнини во Охрид.

Речиси сите атрактивните локали кои се лоцирани на првиот ред на шеталиштето од Чинарот до Плоштадот не се на продажба, а на интернет огласите или во агенциите за недвижности, се нудат само дуќани или локали кои се надвор од централното градско подрачје или се сместени во внатрешноста на трговскиот центар Амам. Цената на деловните објекти кои се продаваат се движи од 1000 до 3000 евра за метар квадратен, но има и такви кои се продаваат и поскапо.


Сопствениците на ексклузивни дуќани во охридската чаршија откриваат дека во изминатиов период добивале и милионски понуди за да ги продадат своите деловни простории.

-Има луѓе од други градови, најчесто од Скопје, Струга, Тетово и Гостивар кои се многу заинтересирани, нудат големи пари за ексклузивен дуќан во чаршијава. Но јас мислам дека нема цена што ќе го плати мојот дуќан, зошто локал на ваква атрактивна локација, секогаш носи постојан приход и нема што да размислувам за продавање. Дуќанот ми е издаден на солидна фирма и задоволен сум, вели еден повозрасен сопственик на дуќан во Охридската чаршија, во кој моментално се продава спортска опрема.


Друг сопственик на неколку атрактивни локали вели дека пред извесно време на неговиот сосед му била понудена сума од рекордни 1 милиони евра за дуќан од околу 60 метри кавадартни.

-Разбравме дека се работело за понуда во кеш, но соседот не прифати. Некогаш се работи за принцип, па има луѓе кои за ниту една цена не би го дале она што е нивно. Еве на пример во делот на Старата чаршија, со месеци имаше дуќани кои стоеја празни и неиздадени, но ретки беа оние сопственици кои одлучија да ги продадат иако на тој потег квадратот е нешто поевтин од овие ексклузивни локали, раскажува нашиот соговорник, кој инсистираше на анонимност.


Од Агенциите за недвижности во Охрид потврдуваат дека во последно време имало поединци кои се интересирале за атрактивни локации во чаршијата и дека навистина се нуделе големи суми во евра.

-Секако и нам ни одговара да најдеме дуќан што може да се продаде по таа цена, зошто работиме за провизија, но тешко е да се оствари таква зделка во Охрид. Овде ретко кој продава вакви деловни простории. Единствено на понуда имаме локали надвор од ексклузивното градско јадро, велат охридските агенти за недвижности.

Тие напоменуваат дека главна причина за оваа состојба се високите кирии кои соствениците ги земаат од локалите, кои за многумина се единствен извор на  егзистенција. Според агентите  највисока кирија држат пошироките дуќани во чаршијата, чија месечна наемнина се движи од  1.200 до 3.000 евра, додека пак во делот на Старата охридска чаршија има и дуќани кои се издаваат и за многу поевтини цени.

Е.М