Последната изјава на госпоѓата Јанева дека вработувањето на нејзиниот внук во Специјалното јавно обвинителство не претставува непотизам е врв на нејзиното потценување на граѓаните и лицемерие кон принципите за транспаретност и за праведно работење, изјави на прес конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски.
-Катица Јанева и нејзиниот тим не само што го претворија Специјалното јавно обвинителство во партиска испостава на СДСМ, туку без било каков пардон се повеќе симпатизери, внуци, роднини, пријатели и други луѓе, вдомуваат на државен буџет. Со ваквите постапки, госпоѓата Јанева ги потврди мислењата на граѓаните дека СЈО не работи ниту професионално, ниту неселективно, туку претпочита партиска работа, политички активизам и роднински непотизам. Катица Јанева заборава дека е избран функционер и дека не раководи со приватна фирма за да може да вработува кого сака и како сака, туку работи со државна институција основана од Собранието која што треба да даде отчет и пред институциите и пред граѓаните. – рече Милошоски.
Тој истакна оти Катица Јанева признала исто така дека го вработила членот на СДСМ Борче Боки Трајковски, лице осудено за измама кое издржало една година затвор, но не кажала колку е морално истиот да биде дел од тимот на органите на прогонот и на ова обвинителство.
-Катица Јанева исто така заборави да каже колкава плата му определила на нејзиниот внук и дали внукот на Катица Јанева е најдобриот правник или економист во Република Македонија, за тој да мора да биде врабоотен во Специјалното јавно обвинителство за висока плата ?
Катица Јанева должи и други одговори за непотизмот и партизацијата на СЈО.
Дали е точно дека СЈО ја вработило и Берниса Рахиќ, ќерка на Есад Рахиќ, член и висок функционер на СДСМ?
Дали е точно дека СЈО ја вработила и Катерина Рамбабова чија мајка беше кандидат за пратеник од СДСМ, а нејзиниот татко беше споменуван во одредена афера бидејќи како судија имал членска книшка на СДСМ?
Дали е точно дека СЈО отпочнала со поширока акција за вработување и наградување на сите оние кои што учествуваа во платеничката револуција на СДСМ и Сорос? И во тој контекст дали извесен Ѓорѓи Камчев од Неготино кој учествуваше во насилното демолирање и нагрдување на државни и културни објекти е дел од вработениите во СЈО?
На ваквиот начин на работење на госпоѓата Јанева не може да се каже дека СЈО ќе го гради кредибилитетот и дека Специјалното јавно обвинителство е независна, транспарентна и принципиелна институција. – рече Милошоски.