Имавме две години политичка криза, сега имаме уште два дена да ја решиме таа криза со достоинствени и мирни избори, со почитување на волјата на народот, рече во своето завршно обраќање пред граѓаните, носителот на листата на „Коалицијата за подобра Македонија“ во 5-та изборна единица, Антонио Милошоски.

– Работевме и ќе работиме во интерес на сите граѓани и нашите цели се стабилна, унитарна Македонија, со еден официијален јазик, со политичка стабилност и со желба и план за економски напредок. ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, она што го имаат како сознание од терен, од средбите со граѓаните е дека ќе имаме извесна и уверлива победа. Ги покануваме сите кои сакаат да победи стабилна и унитарна и економски напредна Македонија да ни се придружат. До сега зборуваа политичарите, во недела ќе го имаме гласот на народот. Гласот на народот одлучува за Македонија, да имаме 63 пратеници во едно стабилно собрание и да продолжиме со конкретни проекти во интерес на сите граѓани, порача Милошоски од градскиот плоштад во Охрид.

Пред граѓаните се обратија и кандидатите за пратеници од Охрид, д-р Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.

– Тука сме да ја најавиме новата победа на ВМРО ДПМНЕ во недела со 63 пратеници. Се наоѓавме во криза во која сите се измачувавме, наместо да се развиваме економски, ние бевме фокусирани на политички проблеми кои на сите ни направија штета. Но, во недела очекувам народот да излезе масовно и едногласно да ги поддржи политиките на ВМРО ДПМНЕ кои се исклучиво во интерес на граѓаните на Македонија и Охрид и се залага за економски развој и просперитетна Македонија, рече Арнаудов.

Василевски изрази благодарност до сите кои биле дел од активната кампања во изминатите три недели.

– Посетивме над 8000 домови, бевме прекрасно примени и граѓаните на Охрид ја дадоа пораката-Македонија треба да биде унитарна, самостојна, со македонски јазик, просперитетна, со сигурни редовни и зголемени пензии, сигурно напредно и бесплатно здравство, за сигурно проширено школство, нови инвестициии,  нови вработувања, перспективи. Охрид градот на светлината на Светите Климент, Наум, да биде град  на просперитетот. Да се вратат перспективите на младите. Тоа го ветуваме и затоа народот во недела ќе ја даде поддршката на исправните политики на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата и поддршката за нашиот иден премиер, Никола Груевски, кој успешно ќе ја води државата во идните четири години, рече во своето обраќање пред граѓаните, кандидатот за пратеник, Сашо Василевски.

OhridNews