Новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ. Ова на својот профил на социјалната платформа Икс го напиша пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски по вчерашното прегласување за парламентарните избори на седум избирачки места во изборните единици 5 и 6.

Милошоски во објавата, покрај коментарот за очекувањата околу формирањето на новата влада и идните партиципиенти во неа, ги сподели и сумираните резултати што вчеравечер ги објави Државната изборна комисија (ДИК) по прегласувањето во двете изборни единици.

Досега нема официјално потврдени информации дека се водат некакви разговори меѓу политичкиот субјект на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и ВМРО-ДПМНЕ за евентуално учество на Движењето ЗНАМ во идната влада.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари изјави дека можеби денеска или утре ќе биде објавен дефинитивно договорот меѓу идните владини партнери, ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.

Освен нас, се надевам и друга партија, сега немам информација од ВМРО дали е постигнат договор и со ЗНАМ, така што следните 24 до 48 часа, сигурно ќе биде објавено, рече Таравари.

Тој потврди дека дел од пишувањата на некои медиуми за распределба на владините ресори и функционерски места се точни.

За директори уште немаме зборувано. За министри, од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменици министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен, рече Таравари.

На прашање на МИА дали ќе биде иден министер за здравство, тој рече дека нема решено и уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција.

По резултатите од вчерашното прегласување во седум избирачки места во петтата и шестата изборна единица, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички мандати, „Коалицијата за европска иднина“ на СДСМ и „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ имаат по 18, Коалицијата „Вреди“ 14 мандати и Левица и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на Максим Димитриевски по шест мандати.

OhridNews

фото. МИА