Охрид и охридско во следните четири години ќе биде едно градилиште, како што не било во последните 50 години, рече на денешната прес конференција носителот на листата во 5- та изборна единица, Антонио Милошоски.
– Градежните активности почнуваат со автопатот Кичево- Дебарца- Охрид, продолжуваат со автопатот Требеништа- Струга, четири ленти пат до Пештани со можност истиот да продолжи до граничниот премин Св. Наум, обнова и реконструкција на патот Охрид- Ресен- Битола и отварање на првата поголема странска инвестиција во случајов германска , во вредност од 25 милиони евра и со што ќе се отворат 750 нови работни места, рече Милошоски.
Тој потенцира дека во наредните четири години ќе продолжат активностите за остварување на ветувањето за привлекување 30 нови странски инвестиции во Македонија и дека охридските пратеници заедно со локалната власт, градоначалникот и надлежните органи ќе се залагаат и лобираат што поголем дел од најавените инвестиции да бидат реализирани во општина Охрид.
– Самата градба на патиштата во моментов значи работен ангажман на 1000 луѓе. За прв пат, ВМРО- ДПМНЕ е партијата која по 24 години независност, кога зборува за фабрики не зборува за нивно затворање, туку за отварање на нови фабрики и работни места .Зошто луѓето да веруваат во дадените ветувања? Затоа што досега дадениот збор бил остварен, рече Милошоски.
Тој додаде дека како и досега ВМРО- ДПМНЕ се грижи за сите граѓани, особено за социјално- ранливите категории.
– Одлучивме ние како пратеници, во идниот состав на парламентот, по предлог на владата во септември да изгласаме закон кој ќе биде намнет за еднократен отпис на долговите на социјалните случаи. Ако некој од нив,кој е заведен во Агенцијата за вработување како невработен во последните 12 месеци и нема остварено поголеми приходи во текот на годината или поради смрт на близок или губење на работната способност , не може да ги плати достасаните долгови за струја, радио дифузна такса или банкарски сметки за потрошувачки кредити, по тој закон собранието на овие луѓе еднократно ќе им го отпише долгот. Владата преку министерството за финансии и министерството за труд и социјална политика, на фирмите, банките, ЕВН, отпишаниот долг од социјално- загрозените лица, ќе им го одбие по основ на нивните давачки кои тие треба да ги платат кон државата, истакна носителот на листата за 5- та ИЕ, Антонио Милошоски.
Милошоски додаде дека ВМРО- ДПМНЕ настапува со проверена програма во која има рокови, проекти, носители на проекти , и отчет по реализирање на проектите. Во програмата се предвидени 2046 проекти, а кредибилитет се остварените проекти во изминатите 8 години и дадениот збор на премиерот, пратениците, владата и Коалицијата за подобра Македонија.
OhridNews