Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ му порача на лидерот на СДСМ Зоран Заев, да ја прифати понудата од неговата партија за формирање малцинска влада, место да прифаќа уцена со албанската платформа, во одговор на промоцијата на програмата на новата влада од страна на Заев.

„Аболицираниот Заев можеше со една порака јасно и гласно да се откаже од платформата донесена во Тирана. Заев се заплетка со најавите за дебати за државните симболи. Доколку сакате да ја сочувате унитарноста кажете и на јавноста дека ја отфрлате платформата од Тирана. Тој уште еднаш потврди дека е уценет и со измама на државните интереси сака да се дограби до власта. Изборна измама е кога ветувате едно во кампањата, а потоа како уценет спроведувате нова агенда. До вчера Заев лажеше дека со ДУИ и Села разговарале само за начела и принципи, а денес потврди дека има подготвен закон за употреба на албанскиот јазик, но не ја откри неговата содржини. Потврди дека се разговарало за резолуција за осуда на геноцид врз албанскиот јазик, но не и кој ќе биде посочен за виновник“, посочи Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ не ја прифаќа новата владина платформа на Зоран Заев иако беше јасно кажано дека нема да дозволи промена на Уставот, ниту пак ќе прифати двојазични пари и униформи или пак промена на државните симболи. Милошоски порача дека народот гласал за политичари, а не за експерти, откако Заев најави дека за сите прашања ќе се дебатира на експертско ниво