„Јас не знам за друго име за вашата држава освен Македонија. Кога тргнував од Париз, реков, одам во Македонија, а кога ќе се вратам ќе речам, бев во Макеоднија“, изјави претседавачот на Меѓународната паневропска унија, Ален Тереноар кој учествува на конференцијата „Македонија во ЕУ-Одредница за Европа“ што се одржува во Охрид.

За билатералниот спор со името и лидерската средба што треба да се одржи в понеделник, шефот на македонската дипоматија, Антонио Милошоски рече  дека позитивно ја оценува иницијативата на премиерот Груевски, но од средбата очекува повеќе политичка аргументација за билатералниот спор.

 „Откако евентуално ќе имаме нов, конечен предлог за името и официјално на маса, тогаш ќе треба, со сета прагматичност, сериозност и одговорност, сите политички чинители повторно да заземат конечен став кој на најдобар можен начин ќе ги застапува македонските интереси“, рече Милошоски.

Во врска со изнесениот став на СДСМ за името, македонскиот министер за надворешни работи, објасни  дека е добро да се има став, но од друга страна, како што рече, в.д претседателот на СДСМ, Зоран Заев можеби треба да знае  да направи разлика што значи претставување став во јавноста во моменти кога земјата е во интензивна преговарачка динамика. 

Според него, недостаток на решението што го нуди СДСМ е и тоа што изминатата 1,5 година оваа партија секое полугодие имала различен став и секој следен став бил полабав од претходниот. „Покажувањето таква неконзистентност нема да биде од голема помош во преговарачкиот процес“, смета министерот Миошоски.

На прашањето дали повторно се враќа во игра двојната формула за името, Милошоски одговори дека на упатените во овој процес треба да им е јасно оти не е препорачливо така лесно, одредена позиција што се градела со години, да се напушта без соодветна аргументација.

Ohridnews