Специјалното јавно обвинителство уште еднаш покажа дека е продолжена рака на СДСМ, рече на денешната прес конференција, Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Како што рече Милошоски, деновиве СЈО повикува што поголем број на членови на ВМРО-ДПМНЕ да дадат некакви изјави, сведочења или искази под притисок или уцена.
– Катица Јанева се обидува на секаков начин да му помогне на својот близок Зоран Заев и да ги убеди граѓаните дека пред избори наместо за економски теми, големи проекти треба да размислуваат тоа кој е повикан, а кој не е повикан во Специјалното јавно обвинителство. Но, ова воопшто не е чудно бидејќи доаѓа од фабриката за афери во СДСМ којашто е во многу близок секојдневен однос и комуникација со Специјалното јавно обвинителство. Затоа Катица Јанева изминатиот период ја засили својата активност „со истакнати кадри на СДСМ“ коишто имаа за цел да настапуваат што е можно побезобразно и подрско кон членовите на само една партија кон којашто таа е насочена тоа се членовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече Милошоски.
Според него Јанева со ваквите постапки, откако видела дека претходното дејствување на СЈО не дава резултати на тоа како работи таа и какви политички, конструирани обвиненија поткренува, решила да го смени стилот и тргнала во уште поотворена кампања против ВМРО-ДПМНЕ.
– Ваквите обиди СЈО да повикува што е можно поголем број на членови на ВМРО-ДПМНЕ и да ги принудува да дадат некакви лажни искази или изјави нема да помине и нема да успее да ги заплашат или демотивираат членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Членовите од тимот на Катица Јанева се служат со истите незаконски методи, со уцени и лажни ветувања, се убедуваат да ги натераат граѓаните да се дистанцираат од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и да даваат лажни искази, рече Милошоски на прес конференцијата.
Тој додаде дека ваквите и слични притисоци нема да поминат и дека ВМРО-ДПМНЕ, како и претходно, така и овојпат успешно ќе ги надмине сите предизвици, а правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ ќе им помогне на сите оние кои што биле предмет на било какви уцени, закани или притисоци од СЈО.