Искусниот меѓународен нуркачки инструктор Милутин Секулоски, утре вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе ја постави Првата изложба на подводни фотографии во Македонија. На неа ќе бидат поместени ексклузивни фотографии од живиот свет кој живее во Охридското Езеро, со кој Секулоски се „дружи“ веќе три децении.

Фотографиите кои ќе бидат изложени се направени на повеќе локации во Охридското Езеро, вели Секулоски, кој минал голем број часови под вода документирајќи го живиот свет во длабочините.

-Специфично за подводната фотографија е тоа што треба да се одреди цел за фотографирање на подводната животна заедница, место на живеење, миграција, период за фотографирање, длабочина и нивните навики. Многу фактори влијаат при подводно фотографирање како планктон, матна вода, губењето на спектарот на бои под вода, температурата на водата и секако ограничениот престој под вода, истакна Секулоски.

Милутин Секулоски е интернационален  SSI Instructor Trainer, кој е познат не само во Република Македонија туку и низ целиот свет. Добитник е на бројни награди и признанија: еден од петте најдобри инструктори во SSO Adriatic group во категорија од над 300 инструктори, Св. Климентова повелба, Орден за храброст, Плакета на Сојузот за подводни активности на Р. Македонија, Плакета на Клубот за подводни дејности ,„Охрид“ и др. Препознатлив е и по откривањето на праисториската населба кај Градиште која денес прерасна во Музеј на вода, а во негова чест локалитетот го носи името Плоча Миќов Град.

Со подводна фотографија и снимање Милутин Секулоски се занимава од 1998 година. Има публикувано подводни фотографии „Охридското Езеро под вода“, „Охридски тркалезен сунѓер“, а автор е и на ДВД-то „Подводниот свет во Охридско Езеро“.

Изложбата на подводни фотографии ќе биде поставена во рамки на одбележување на 3-годишнината од основањето на Лајанс клубот „Лихнидос“ од Охрид, чиј активен член – волонтер е и Милутин Секулоски. Изложбата ќе биде дел од хуманитарниот хепениг што го организира ЛК „Лихнидос“, а собраните средства ќе бидат наменети за помош на лицата со интелектуална поптреченост во развојот.

OhridNews